Јас сум суптилно експресивен « занаетчија » со извесна минималистичка строгост, чии дела од формален аспект се фокусираат на релациите: едно – целина и идентично – различно.
Отсекогаш тлеела во мене потребата за создавањето дела кои можат да бидат доволни сами по себе, но и дела кои истовремено ќе бидат конститутивни елементи на една целина, со голем потенцијал за разни комбинации, варијации, па и почетни точки за идни инсталации. Дела кои низ самиот процес на настанување, барајќи ја својата автономија, постепено ќе се дефинираат.
Сликарството отсекогаш повеќе ме привлекувало од аспектот на пластична материја и многу повеќе ме интересирало самото експериментирање при сликањето одошто однапред дефинираниот пристап кон нештата (преку визуелна референца на пример).
Димензиите кои ги користам се различни, со квадратот од 100 см како најчест избор поради можноста која ја нуди за работа на сликата од сите страни без претходно да биде дефинирана нејзината положба. Во самиот почеток целта е пред сѐ добивање на одредена, речиси монохроматска текстура, а работата врз материјата започнува при изборот на платното кое не само што е основа врз којашто доаѓа бојата, туку со својата структура значајно допринесува на крајниот резултат.
Истовремено работам и на зборовите, посебно на нивниот потенцијал за создавање релации помеѓу буквално перципираното и фигуративното. Покрај текстурата во доследна смисла, сликите се и текстура во фигуративна смисла, врз кои најчесто везам зборови – општопознати архаични фрази, разни клишеа, извадоци од пишани дела и мои кованици – бидејќи сум опчинет од нивниот « сокриен » капацитет за мноштво значења и толкувања. Зборовите со своето едноставно графичко присуство на некој начин ја збогатуваат и сликовноста, ја надополнуваат сликата, станувајки визуелни тие доминираат со повеќезначноста.
Ме интересира и политиката, карактеристиките на средината во којашто живеам, дел од зборовите се реакција и на секојдневието. Самите тие покрај тоа што на некој начин ја дообјаснуваат мојата работа, честопати, според мене, може да послужат и како можни дефиниции за уметноста генерално, неисклучувајќи го, се разбира хуморот и сарказмот. Се надевам дека успевам во хармонизацијата на контемплативното со концептуалното, преку бојата и богатата сликовитост од една страна и зборовите од друга, и дека процесот на « вмрежување » на тие две идеи ги претвора делата, заедно и поединечно, во динамичен само-обновувачки извор.